Преку адвокатот во Грција, потпретседателката на Европскиот Парламент и европратеничка Ева Каили, тврди дека е невина за скандалот со корупција од Катар, јави дописничката на МИА од Атина.

Еден од адвокатите Михалис Димитракопулос за грчката телевизија „Опен“ категорично отфрли поврзаност на Каили со било какво финансирање од Катар.

-Нејзината позиција е дека е невина. Ова можам да ви го кажам. Но, и дека нема никаква врска со финансирање од Катар. Никаква. Јасно и категорично. Ова е нејзината позиција. Детали не можам да откријам, рече Димитракопулос, кој додаде дека не знае дали биле навистина биле пронајдени пари, колкав бил износот и сл.

Адвокатот отфрли било каква бизнис активност на Каили и истакна дека единствената нејзина професија е европратеничка.

Според имотниот лист на Каили, кој го објавуваат медиумите во Грција, сопственичка е на четири недвижнини, од кои три стана во Грција и еден во Белгија, а во грчките и белгиските банки има над 460.000 евра.

Шефот на Управата за спречување перење пари Хараламбос Вурлиотис вчера наредил замрзнување на имотот на Каили, како и на членовите на нејзиното семејство и нејзиниот партнер со цел да се обезбедат податоци за имоти, сметки, фирми итн во Грција кои можеби потекнуваат од незаконски активности,

Ева Каили е меѓу четворицата уапсени и осомничени за скандалот со корупција, а според грчките и белгиските медиуми утре ќе биде одлучено дали ќе ѝ се одреди мерка притвор.

Како што претходно објави МИА, шефовите на сите политички групи во Европскиот парламент денеска се согласија да ја сменат потпретседателката Ева Каили, пред гласање на пленарна седница.

Конечната одлука за смена на Каили од функцијата треба да ја одобри двотретинско мнозинство од пратениците на ЕУ, а гласањето може да се одржи уште денеска.