Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека го гледа потпретседателот Џеј Ди Венс како личност што ќе ја преземе водечката улога во неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“ (МАГА). Сепак трамп се воздржа од отворена поддршка за кандидат за претседател за 2028, но Венс е најверојатниот републикански претседателски кандидат во 2028 година.
„Па, мислам дека најверојатно. Да бидеме фер, тој е потпретседателот,“ одговори Трамп на прашање дали Венс е наследникот на МАГА, за време на настан во Белата куќа во вторникот.
Тој исто така спомена дека Марко Рубио – моментално државен секретар, вршител на должноста советник за национална безбедност и државен архивар – би можел да му се придружи на потпретседателот Џеј Ди Венс на некоја идна републиканска претседателска листа, како „некој со кого можеби би се здружил со Џеј Ди на некој начин“.
Иако ова е најблиску што досега дошол до отворена поддршка на Венс за идна кандидатура, Трамп сепак нагласи дека е „прерано“ за конкретни одлуки.
„Имаме неверојатни луѓе… но тој навистина одлично си ја врши работата и најверојатно би бил фаворит во овој момент,“ додаде Трамп, стоејќи покрај секретарката за внатрешна безбедност Кристи Ноем и главната обвинителка Пем Бонди.
Трамп уште во мај ги спомена Венс и Рубио како можни наследници.
Минатиот месец Рубио изјави дека Венс „би бил одличен кандидат ако реши да се кандидира“, но и дека самиот тој нема големи претседателски амбиции. „Фокусиран сум на мојата моментална работа… но никогаш не знаете што носи иднината,“ рече Рубио за „Фокс њуз“.
Овие коментари доаѓаат откако Трамп во вторникот повторно изјави дека „најверојатно нема“ повторно да се кандидира за претседател, иако тој и неговите сојузници во неколку наврати ја споменаа можноста за трет мандат, забранет според 22. амандман, но за кој Трамп тврди дека постојат „методи“ за заобиколување.