Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претставници на македонската дијаспора за време на нејзината посета на Унгарија. Средбата се одржа во Будимпешта, каде што шефицата на државата престојува по повод одбележувањето на 70-годишнината од Унгарската револуција од 1956 година. На состанокот присуствуваа македонски државјани етаблирани во повеќе општествени сфери.

Меѓу присутните беа истакнати поединци од секторите на бизнисот, науката, образованието и информатичките технологии, како и студенти кои се образуваат во унгарските образовни институции. Тие детално ја запознаа Сиљановска-Давкова со својата улога и активниот ангажман во општествените текови, како и со актуелните општествено-економски прилики во Унгарија.

Учесниците на средбата ја истакнаа подготвеноста за натамошно зајакнување на билатералните врски меѓу двете земји. Беа изнесени конкретни предлози за поголема промоција на македонските потенцијали пред унгарската јавност, за продлабочување на заемното културно запознавање и за искористување на можностите за развој на туризмот. Во рамки на дискусијата беше нотирана и потребата од отворање културни центри во двете држави.

Сиљановска-Давкова подвлече дека одржувањето постојана комуникација со дијаспората преку дипломатско-конзуларните претставништва има клучно значење за соработката и меѓународната афирмација на Македонија. Таа изрази признание за високиот степен на препознатливост и углед на македонската заедница во Унгарија, притоа потенцирајќи ја улогата на културната дипломатија и посветеноста на иселениците во негувањето на македонскиот јазик, идентитет и традиција.