Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, во гостувањето на Алфа ТВ оцени дека оставките во врвот на СДСМ не се доволни за вистински промени ако, како што рече, на чело на партијата остане Венко Филипче. Според неа, морален и логичен чекор би бил и претседателот на СДСМ, Венко Филипче да поднесе оставка.
Стојаноска потенцираше дека опозицијата мора да понуди посериозен и поразборит пристап, особено во Собранието, наместо – како што рече – да се стреми кон собирање политички поени. Таа оцени дека токму таквата стратегија довела до „пад на сите прогнози“ на последните локални избори.
„Првпат гледаме ваков преседан во историјата на СДСМ. Имаше реакции од поискусните членови, но не сум изненадена – ова е стилот на функционирање на партијата под водство на Филипче“, изјави Стојаноска, додавајќи дека поразот на локалните избори требало да биде доволна причина за оставка и од врвот на партијата.
Таа предупреди дека не очекува сериозна промена сè додека „истите луѓе со истата матрица“ остануваат во партиското раководство, иако најавите за можни политички изненадувања се присутни.
„За вистински пресврт, парламентот и државата мора да добијат поинаква опозиција – конструктивна, сериозна и конкурентна со идеи, а не повторување предлози само за дневни поени“, рече Стојаноска.
Во завршницата, таа потсети дека резултатите од локалните избори претставуваат „историска победа“ за ВМРО-ДПМНЕ и јасен сигнал дека, како што тврдеше, СДСМ има потреба од подлабоки промени од сегашните оставки.
Филипче да поднесе оставка
