Македонија има значителни можности да го забрза економскиот раст, да ја зајакне конкурентноста и да го подобри животниот стандард преку спроведување структурни реформи, оценува директорката на Светска банка за Северна Македонија и Косово, Карол Межеван во интервју за МИА.

На една година од нејзиниот мандат, Межеван во интервјуто вели дека Македонија е држава со вистински потенцијал и докажана отпорност, но истовремено и понатаму се соочува со структурни предизвици.

– И покрај тоа што изминатата деценија се соочи со низа преклопувачки кризи – од пандемијата до енергетскиот шок – земјата успеа да ја зачува макроекономската стабилност и во 2025 година оствари една од највисоките стапки на економски раст во Западен Балкан, поттикната од силните инвестиции во инфраструктурата и растот на услужниот сектор. Пазарот на трудот, исто така, бележеше континуирано подобрување, со зголемен број вработени и повисоки плати. Тоа им помогна на многу семејства да го подобрат својот животен стандард и придонесе за намалување на сиромаштијата. Во исто време, земјата и понатаму се соочува со структурни предизвици, нагласува Межеван.

Клучни, според неа, се два предизвика – демографијата и продуктивноста.

За да премине во категоријата земји со висок доход и да го подобри животниот стандард, земјата ќе мора значително да ја зголеми продуктивноста – посочува меѓу другото директорката на Светска банка.

Комбинацијата од соодветна реформска програма со инвестиции во основната инфраструктура и човечкиот капитал, според Межеван, претставуваат вистинска можност земјава да го забрза економскиот раст, да создаде повеќе и поквалитетни работни места и во текот на една генерација да го достигне животниот стандард на Европската Унија.

– Затоа верувам дека перспективите за идниот развој на земјата се и ветувачки и остварливи, вели Межеван.

За ревидираните прогнози на Светска банка за економскиот раст на земјава, Межеван вели дека тие се направени поради покомплексната надворешна средина и домашните ограничувања на државата.

Во периодот што следи се очекува услужниот сектор да остане еден од главните двигатели на економскиот раст, а градежниот сектор ќе продолжи да има придобивки од изградбата на автопатските делници на Коридорите 8 и 10д.

Целото интервју на МИА