Распоредувањето на војници на НАТО треба да им овозможи на сојузниците да покажат „беспрекорно единство“ по руската инвазија на Украина, изјави денеска во Романија француската министерка за вооружени сили Флоренс Парлим, која престојува во посета на францускиот контингент, јави дописникот на МИА.

Ангажманот на сојузниците „не е офанзивен, тој е одбранбен. Алијансата не и се заканува на Русија. Европа не и се заканува на Русија. Никој не и се заканува на Русија“, инсистираше министерката пред илјада војници од седум земји на НАТО, во базата Михаил Когалничеану во близина на Констанца (југоисточна Романија).

-Од друга страна, од нас зависи да и покажеме на Русија дека нашето единство е беспрекорно кога станува збор за одбрана на нашите сојузници, продолжи таа.

-Вие сте штитот што ги штити евроатлантските вредности, одговори романскиот претседател Клаус Јоханис, присутен покрај неа за време на церемонијата во базата, каде беа поставени различните оклопни возила и борбени хеликоптери.

Франција итно распореди речиси 500 француски војници од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, придружувани од речиси 300 белгиски војници. Речиси илјада американски војници веќе беа стационирани во базата, испратени како засилување во февруари.

Ова француско-белгиско распоредување се одвива во рамките на „реакционите сили на НАТО“. Но, во јануари, францускиот претседател Емануел Макрон објави дека е подготвен да распореди француски војници во Романија на трајна основа, како дел од таканареченото распоредување „eФП“ (засилено напредно присуство), според моделот на Алијансата во балтичките земји и во Полска, покажувајќи јасна желба да работат на зајакнување на југоисточното крило на Алијансата.