Претседателот најавува потрага по двајца снајперисти

Српскиот претседател вчера предупреди дека во Белград се води потрага по двајца снајперисти, за кои властите сè уште немаат информации за нивната цел.
Тој истакна дека во последните денови и недели постоеле разни безбедносно-разузнавачки информации „што не се наивни“, но дека јавноста не била информирана за нив.

„Во моментов сме во потрага по двајца снајперисти во Белград за кои знаеме дека се во градот и не можеме да ги најдеме веќе три дена. Се надевам дека ќе успееме. Кои се тие и кои им се целите  ќе видиме. Но, знаеме дека пристигнале, знаеме и од каде дојдоа парите, верувам дека надлежните служби ќе успеат да го решат тоа“, рече Вучиќ.

Единствен начин на опозицијата според Вучиќ

Во овој контекст, тој додаде дека постои „само еден начин на кој можат да го победат“, додавајќи дека за каква било промена на власта „нема друг начин“.

„Нема да прифатам сила, насилство или надворешно влијание. Но, тоа е нивниот единствен пат, немаат друг начин. Не можат да ја поколебаат мојата волја, не можат да ме победат на изборите и тоа го знаат многу добро“, рече Вучиќ.

Тој оцени дека 10-15, до 20 проценти од луѓето во Србија биле „крајно разочарани“ по собирот во Нови Сад на 1 ноември. Претседателот тврди дека тие биле „апсолутно сигурни дека се е завршено и дека е прашање на време кога ќе ја дофатат власта и управувањето со парите“.

„Тие го прават тоа поради пари, а не поради идеи и идеали што ги немаат. А потоа тоа не се случило и нема да се случи“, додаде Вучиќ.

Инциденти пред парламентот и напади на СНС

Зборувајќи за вчерашните инциденти во шаторската населба пред Домот на Народното собрание, тој рече дека луѓето во Пионирски парк „биле нападнати без каква било причина“.
Исто така, Вучиќ нагласи дека вчера биле нападнати седум простории на Српската напредна партија (СНС) во различни делови на Србија.