Филипче нагласува дека е важно да се вакцинираат граѓаните бидејќи вакцините штитат од тешка форма на болеста и од смрт дури и кога се работи за индиската варијанта на вирусот.
Станува збор за колега на првиот пациент од Ирак кај кого беше регистриран индискиот сој, рече Филипче и додаде дека вториот заболен симптимите ги пројавил подоцна од првиот регистриран на 7 јуни. Двајцата биле на работа во Ирак, а со истиот авионски лет се вратиле во земјата.
Пациентот не е во ризик. Нема ризик ниту од ширење на болеста, според направените епидемиолошки анкети.
Министерот вели дека сите вакцини штитат и од индискиот и од другите форми на мутации од смртен исход и од тешки компликации на болеста.
Филипче очекува кон крајот на месецот да пристигнат поголеми количини на вакцини во земјава, 100 илјади фајзерови и 500 илјади на Синовак и во текот на летото да се изврши имунизација на населението до степен на колективен имунитет.