Потрагата по 16-годишната Теодора – специјалци, нуркачи и полиција трет ден ја пребаруваат реката

Повеќе од 72 часа трае потрагата по 16-годишната Теодора Бабарчиќ од Градско, која во четвртокот попладне исчезна во водите на Вардар кај селото Уланци – Општина Градско. Девојчето било повлечено од водата додека се капела со пријателка.

Мајката на девојчето, Верица Бабарчиќ Лазова, вчера на социјалните мрежи објави емотивен апел, барајќи помош од јавноста и сите институции:

– Очајно си ја барам ќерката Теодора Бабарчиќ, 16 години, која пред 3 дена се удави во водите на Вардар, Општина Градско-Уланци. Институциите сите се известени, потрагата се уште трае. Даваат сè од себе да ја најдат, сега за сега се води како исчезната. Доколку некој од овчарите, земјоделците, рибарите ја видат во водите на реката Вардар, делот од Градско до Гевгелија, како што тече водата во тој дел, молам за информација. Секоја информација е добредојдена. Пријавете во МВР, за побрзо да се најде моето дете, мојата душа. Облечена е во розеви дводелни купаќи, црна коса, кафени очи… Ве молам споделувајте за што побрзо да се најде – напиша мајката.

Специјални сили вклучени во потрагата

Во потрагата по тинејџерката се вклучени полициски службеници, припадници на АРМ – „Волци“, нуркачи, како и екипи со чамци и специјална опрема за пребарување. Сè уште нема трага од исчезнатото девојче.

Инцидентот се случил додека Теодора и пријателката се капеле во реката. Пријателката, иако се обидела да ја спаси, успеала само таа да излезе. Теодора била однесена од водата и исчезнала без трага.

Надлежните апелираат до сите граѓани долж коритото на Вардар, од Градско до Гевгелија, доколку забележат нешто сомнително, веднаш да пријават на 192 или во најблиската полициска станица.