Зголемен број на заболени од грип на почетокот од 2026 година, пикот се очекува кон крајот на месецот
Зголемување на бројот на заболени од грип и заболувања слични на грип е евидентирано во првата недела од новата година, а надлежните институции очекуваат сезонскиот пик да се случи во втората половина на овој и првата половина на следниот месец.
Значителен неделен пораст на пријавени случаи
За актуелната состојба со грипот во земјава денеска информираше в.д. директорката на Институт за јавно здравје, Марија Андоновска, која ги презентираше податоците добиени од центрите за јавно здравје. Во периодот од 29 декември 2025 до 4 јануари 2026 година се регистрирани 1.725 пријави на заболени од грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување за 2,2 пати во однос на претходната недела, кога биле пријавени 771 случај.
Во споредба со истиот период минатата сезона, бројот на заболени е повисок за 5,2 пати, додека анализата на последните 15 сезони покажува пораст од 38,7 проценти. Пријавената инциденца е над неделната граница на средна активност на вирусот на национално ниво.
Децата најпогодени, најмногу случаи во Скопје
Според возрасната структура, најголем број заболени – 749 лица – се во групата од 15 до 64 години, следуваат децата од пет до 14 години со 618 случаи, потоа децата од нула до четири години со 229 случаи и 129 лица на возраст над 65 години. Како што посочи Андоновска, највисока инциденца е регистрирана кај децата на возраст од пет до 14 години.
Најголем број заболени се пријавени во Скопје – 716 случаи, потоа во Тетово – 339, Куманово – 150, Велес – 109 и Штип – 60. Во останатите градови бројот на заболени е значително помал, а во дел од нив е под 30 случаи. Многу висока активност на грипот е евидентирана во Дебар, Велес и Тетово, додека во Скопје, Куманово и Штип е забележана средна активност на вирусот.
Висок интензитет без регистрирани смртни случаи
Од почетокот на сезоната до денеска, вкупниот број на заболени изнесува 3.825 лица, што е за 2,8 пати повеќе во однос на истиот период лани. Во споредба со просекот од последните 15 сезони, регистрирано е зголемување од 20,6 проценти. Она што, според надлежните, засега е охрабрувачко е фактот дека нема регистрирани починати лица како последица на компликации поврзани со грипот.
Андоновска посочи дека првпат оваа сезона е регистрирана средна активност на грипот на национално ниво, со висок интензитет и очекување за понатамошно зголемување. Како фактор што придонесува за ваквата состојба таа ги наведе празничните собири и зголемените контакти меѓу луѓето, а дополнително зголемување се очекува со враќањето на децата во училиште и почетокот на второто полугодие.
