Со 67 гласови за, 15 против и ниту еден воздржан, Собранието попладнево го усвои вториот ребаланс на буџетот за 2026 година.
Според Здравковски, ребалансот е развоен и одговорен.
-Владата е одговорна, се грижи секој сектор да биде во функција и сите да земаат плати и пензии, потенцира Здравковски, потсетувајќи на намалените акцизи и ДДВ-то, мерки, кои, нагласи, се преземени за да се заштити стандардот на граѓаните.
Со Дополнетиот ребаланс на Буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 374,2 милијарди денари или пониско за околу 5,3 милијарди денари на проекциите за 2026 година. Истовремено на исто ниво е направена надолна корекција на расходната страна, односно вкупните расходи се планирани на ниво од 420,5 милијарди денари. При тоа нивото на дефицитот во Буџетот останува на ниво од 46,3 милијарди денари.
Дополнетиот предлог ребаланс пред пратениците го образложи министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска која истакна дека приоритет на Владата е да ја зачува економската стабилност и да одговори на предизвиците поради продолжените глобални геополитички случувања. Измените и дополнувањата на Буџетот, рече, се во насока на обезбедување стабилност во Буџетот до крајот на годината и сигурност за граѓаните и стопанството.
-Државната каса до крајот на годината е стабилна и е обезбедено финансирање на сите обврски – плати, пензии, исплата на социјални надоместоци, обврски кон стопанството, како и отплатата на долгови кои доспеваат. Тоа е суштината на одговорното управување со јавните финансии – да се реагира навреме кога околностите го бараат тоа, да се заштитат граѓаните и економијата и, пред сè, да се гарантира дека државата ги исполнува своите обврски, напомена министерката.
На расходната страна надолната проекција се должи на намалување на расходите за стоки и услуги и субвенциите, а во насока на дисциплинирано трошење и обезбедување дополнителни средства за најранливите категории граѓани и здравствени услуги.
Со ребалансот се обезбедени дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди денари за социјални надоместоц, и дополнителни 887 милиони денари за здравствена заштита. За Министерството за социјална политика, демографија и млади се обезбедуваат дополнителни 1,8 милијарди денари за ранливи категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги. Исто така дополнителни 600 милиони денари за редовна и навремена исплата на породилните надоместоци.
Капиталните расходи се проектирни на 40,1 милијарда денари со кои се продолжува со вложувања во одбраната, патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, животната средина, енергетската ефикасност, образованието, детската и социјалната заштита, земјоделството и локалната инфраструктура. Исто така продолжува и финансиската поддршка за општините и капиталните инфраструктурни проекти на локално ниво.
