Како што изјави заменик-командирот на тетовската противпожарна единица, Сашо Трајчевски, пламените јазици биле огромни, а од болницата се ваделе и жртви, но тоа се очекува да биде и официјално потврдено.

-Во 21 часот и две минути е пријавено дека гори модуларната болница во Медицински центар – Тетово. Екипите за три-четири минути пристигнаа на лице место со околу седум возила и над 30 пожарникари учествуваме од двете страни. Екипите кога пристигнаа, се беше во пламен. Тоа е внатрешно, не е надворешно. Се што е од наша страна употребено во 21 часот и 30 минути е локализиран пожарот. Во 21 часот и 45 минути е ликвидиран комплетно. Додека се гасеше пожарот, пламените јазици беа огромни, модуларната болница е се со пластика, се вадеа и жртви. Не може да го знаеме бројот, се уште немаме евиденција да видиме колку се, што се. Мислам дека има уште една жртва онде што седи, таа е проверена, најверојатно е и почината. Но, има служби што работат на тоа и треба да утврдат од што е и како. Ние не можеме за тоа да даваме информации. Службите ќе го средат тоа, изјави Трајчевски.

Според него, пожарот е изгаснат моментално, а употребени биле сите расположливи средства.

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи претходно рече дека нема информација за бројот на повредени и евентуални жртви.

-Информирана сум дека пожарот избувнал многу брзо и брзо се ширел. Немам информации за можни жртви, за тоа секако ќе бидеме официјално информирани. Апсолутно жалам што се работи за болни луѓе кои биле тука на лекување. Допрва се очекуваат информации од полицијата и од болницата, изјави Арифи.

Во тек е увидот кој треба да ја утврди причината за пожарот.

Министерот за здравство Венко Филипче преку твитер соопшти дека по информацијата за пожарот се упатил кон Тетово.