Снегот кој го зафати северниот и североисточниот дел на Албанија ги создаде и првите проблеми, посебно во руралните средини.
Во областа Голо Брдо отежнато е движењето по лошата патна инфраструктура, а поради искинати електропроводници без струја се повеќе населени места.
– Снегот го отежна движењето по руралните патишта како во Острени, Требиште, Мартанеш, Зерќан како и во други села на општина Булќиза. Проблеми врнежите создадоа и врз електромрежата, па повеќе села во Голо Брдо се без електрична енергија, јави Топ чанел.
Според истиот извор целата општина Булќиза, под која припаѓа областа, е под снежна покривка. Локалната полиција апелира до возачите задолжително на возилата да постават синџири, што е задолжително и за возилата со кои се превезуваат рударите во рудникот за хром во Булќиза.
Со потешкотии, посебно кај Ќаф Муриз, се одвива сообраќајот на автопатот Руга е Арбрит (патот на Арбр) кој ја поврзува Тирана со преминот „Блато” на албанско – македонската граница кај Дебар.
Проблеми предизвикуваат честите одрони од камен и земја, поради кои изминатите денови, сообраќајот на автопатот беше во прекин.