Во Албанија денеска почнува пописот на населението, 12-ти по ред од кога Албанија е прогласена за независна држава во 1912 година и се случува 100 години по првиот попис, спроведен во 1923 година, објави Експрес.
Како што соопшти Институтот за статистика, ИНСТАТ, пописот ќе даде преглед на моменталната состојба на населението во Албанија, вклучувајќи ги социјалните, економските аспекти, демографските движења и многу други податоци, кои јасно ќе ни покажат како и каде живеат граѓаните на Албанија во 2023 година.
„Примете ги попишувачите и слободно по своја волја и убедување дадете реални одговори“, порачаа од ИНСТАТ.
МД “Илинден“-Тирана, партијата МАЕИ, единствена партија на македонското малцинство во Албанија, но и македонското МНР повикаа Македонците слободно да се изјаснат за својата етничка и верска припадност.
Во пресрет на пописот, потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова беше во дводневна посета на Албанија каде отвори училиште на бугарски јазик и промовираше книга за Бугарите во Албанија со цел да лобира тамошното македонско население да се изјаснат како Бугари.