Британскиот принц Хари изјави дека би бил подготвен повторно да се приклучи на војската за да се бори против Русија доколку за тоа се појави потреба.

Извадоци од интервјуто на Хари беа објавени на последниот ден од големата турнеја во Индија на неговиот брат Вилијам и неговата сопруга Кејт.

Хари, кој ја носи и титулата војвода од Сасекс, учествуваше во разговор за поткастот „Украина: Најнови вести“ (Ukraine: The Latest) на весникот „Телеграф“, за време на ненајавената посета на земјата минатиот викенд.

Во снимката објавена на веб-страницата на „Телеграф“, поранешниот војник Хари, кој помина една деценија во вооружените сили и служеше на првата борбена линија во Авганистан, испрати порака за актуелниот конфликт.

„Има многу што можеме да научиме од Украина. Мислам дека има многу што целиот свет може да научи од Украина“, вели Хари.

„Ако биде побарано повторно да се пријавам, ако има потреба, тогаш 100 отсто ќе бидам таму за да ѝ служам на мојата земја, заедно со моите колеги ветерани и активни воени лица“, додаде Хари.

Хари сугерираше дека Британија веќе една деценија се наоѓа во конфликт со Русија.

„Само затоа што кон нас не летаат дронови, куршуми и ракети, тоа не значи дека не сме во војна. Имам чувство дека сме во војна во последната деценија“, рече Хари.

Војводата учествуваше во две мисии на фронтот во Авганистан, но ја напушти армијата во 2015 година.

Хари, кој беше пилот на хеликоптер „Апачи“, оттогаш го насочи својот фокус кон спортскиот натпревар „Игри Инвиктус“ (Invictus Games) за ранети, повредени и болни воени лица и ветерани, кој ја одбележа својата 10-годишнина во 2024 година.

Минатиот месец тој им изјави на воените шефови на НАТО во Брисел дека изгубил дел од својата „цел и идентитет“ кога ја „закачил“ униформата по напуштањето на армијата, но нагласи дека пронашол друг начин да служи преку помагање на воените ветерани.

Кога преселбата на Хари и Меган во САД стана трајна во 2021 година, покојната кралица Елизабета Втора му ги одзеде на војводата воените титули и кралските привилегии.