Повторни блокади на Евзони и Ники

Граничниот премин Евзони кон Северна Македонија денеска повторно ќе биде затворен поради протестите на грчките земјоделци. Блокадата за сообраќајот на сите возила е најавена во периодот од 12 до 16 часот по локално време, како и повторно од 18 часот попладнево. Истовремено, на граничниот премин Ники ќе има прекин на сообраќајот, но само за товарни возила, во периодот од 19 до 23 часот, информира грчката новинска агенција АНА-МПА.

Протести низ цела Грција

Земјоделците во Грција продолжуваат со масовни блокади и протести низ земјата, откако ја одбија поканата за средба со грчкиот премиер, закажана за попладнево. Наместо директна средба, тие писмено ги доставија своите барања до Владата. Според АНА-МПА, денеска се планирани блокади и на други гранични премини, меѓу кои Промахонас и Ексохи кон Бугарија, каде што сообраќајот исто така ќе биде запрен за товарни возила.

Барања и главни блокади

Протестите на Евзони започнаа на 1 декември, кога земјоделци од регионот Пеонија и од градот Јаница пристигнаа со своите трактори, а околу 300 трактори сè уште се паркирани на грчката страна од границата. Главната блокада на автопатите во Грција се наоѓа во централниот дел на земјата, кај Никеа, во близина на Лариса, на автопатот Солун – Атина, кој е затворен, а сообраќајот се пренасочува по споредни правци. По состанокот одржан во саботата, земјоделците ги доставија до Владата барањата за итна исплата на долговите, гарантирани минимални цени, намалување на трошоците за производство, надомест за изгубениот приход во 2025 година, запирање на масовниот увоз и лажно декларирање на странски производи, двојно зголемување на земјоделските пензии, како и решавање на скандалот со ОПЕКЕПЕ, со враќање на средствата, неплаќање казни од страна на земјоделците и утврдување политичка и кривична одговорност со јавно објавување на имињата.