Талибанците од преземањето на власта пред речиси три месеци се под притисок на меѓународната заедница да им дозволат на сите девојчиња да одат на училиште.

Талибанските челници не се изјаснија во врска со отворањето на училиштата, но родителите во Херат што имаат женски деца кажаа дека нивните ќерки посетувале настава во последниве два дена. Најмалку 26 училишта за девојчиња над шести клас повторно се отворени во градот Херат, соопштија семејствата.

Мохамед Рафик Седики, жител на Херат, кажа дека неговите две ќерки, кои посетуваат осми и деветти клас, се пресреќни што повторно одат на училиште. Тој рече дека почувствувал олеснување по повеќенеделните грижи.

-Страдав десет пати повеќе од своите ќерки кога не можеа да одат на училиште, рече тој.

За време на талибанската власт од 1996 до 2001 година на девојките и на жените им беше забрането да одат на училиште, на работа и да се појавуваат во јавноста. Од преземањето на власта на 15 август талибанците се обидуваат да ги убедат населението и меѓународната заедница дека се променети и дека нивниот режим ќе биде помалку брутален отколку претходниот.

Меѓународната заедница одбива да ја признае талибанската влада сѐ додека не ја исполни листата на барања, меѓу кои и почитување на женските права и школување на девојчињата.