Меџити: Села би можел да стане дел од Владата

Новиот градоначалник на Чаир, Изет Меџити од ВЛЕН, изјави дека постои реална можност лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, да се приклучи во Владата. Во гостување на ТВ 21, тој нагласи дека политичката сцена кај албанските партии е во период на интензивни промени. „Политичката сцена кај Албанците е измешана, се случија многу турбуленции и мислам дека ќе има уште“, рече Меџити.

Турбуленции по заминувањето на Таравари

Според него, заминувањето на Арбен Таравари пред шест месеци сериозно ја разниша стабилноста на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ.

„Со заминувањето на Таравари мислеа дека имаат 90 отсто од гласачите, но тоа не се случи. Сега се чувствува загуба на надеж“, изјави Меџити, додавајќи дека дел од гласачите на НАИ веќе водат разговори за приклучување кон ВЛЕН.

Следуваат промени во ДУИ и можно преструктурирање

Меџити најави дека по локалните избори се очекува распуштање на коалицијата НАИ и структурни промени во редовите на ДУИ. Тој смета дека албанскиот политички блок ќе се преструктурира, а потезите на Села и неговото можно вклучување во Владата би можеле дополнително да ја променат политичката рамнотежа.