По еднодневен прекин на сообраќајот на возовите во земјава поради штрајкот на машиновозачите, попладнево во 14:30 часот со повторно пуштање во сообраќај на возот Скопје – Битола преку Велес и Прилеп повторно е воспоставен железничкиот сообраќај во земјава, информираат за МИА од Железничката станица Велес.
Следен воз е возот кој од Скопје за Гевгелија поаѓа попладнево во 16,55 часот.
Според информациите прекинот на железникиот сообраќај бил поради неисплатени додатоци на плата на машиновозачите и кондуктерите за поминати километри и минат труд, кои по еднодневен штрајк им биле одобрени од раководниот тим на ЈП Македонски Железници транспорт.
Инаку, поради штрајкот на машиновозачите и вчера и утрово голем број патници од Велес и другите попатни станици најмногу од нив работници, ученици и студенти кои секојдневно патуваат за Скопје и имаат купени месечни билети од Железница мораа да си дадат дополнителни средства и до Скопје наместо со воз да патуваат со автобус. Голем дел од нив реагираат дека утрово дале дополнително средства и задоцниле на работа или на училиште.
Како што информираат од Железничката станица во Велес, попладнево и утре сабајле сите возови од Скопје и од Велес за Скопје и останатите дестинации ќе сообраќаат според возниот ред.