Каросерии и сува трева гореа на истата локација како и пожарот од 23 јуни, информираше ТППЕ Куманово
Пожар на Индустриска улица во Куманово денеска избувна на отпад за стари автомобили, соопшти територијалната противпожарна единица Куманово. Инцидентот се случи попладнево, кога први реагираа три противпожарни возила.
„Во моментов, пожарот е ставен под контрола. На терен сме две екипи со две противпожарни возила. Пожарот е локализиран и наскоро целосно ќе биде изгаснат. Горат каросерии од стари автомобили и сува трева околу нив“, изјави командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.
Пожарот е видлив од повеќе повисоки точки во градот. Пламените јазици и густ чад можат да се забележат од различни населби.
Истата локација беше зафатена од пожар и на 23 јуни оваа година. Тогаш интервенираа пет противпожарни возила. Жителите на Куманово тогаш се жалеа на густ чад и неподнослив мирис што се ширел низ градот.
Пожар на Индустриска улица во Куманово е втор за нешто повеќе од еден месец на иста локација.