Пожарот на Серта се шири кон врвот на планината, а не кон куќите во Селце
Пожар на планината Серта избувна попладнево, меѓу штипските села Селце и Драгоево.
Командирот на Територијалната противпожарна единица, Благој Ренџов, соопшти дека на терен се веќе распоредени 12 пожарникари.
Имаме четири противпожарни возила. Гори висока сува трева, нискостеблести растенија, даб и смрека. Теренот е непристапен. Огнот има зафатено голема површина. Штотуку побаравме помош од Дирекцијата за заштита и спасување да се вклучат со гаснење од воздух – изјави Ренџов.
Посочи дека пожарот е на околу два километри од селото Селце.
Добро е што огнот не оди кон првите куќи, туку се движи кон врвот на планината. Нашите екипи се на терен и во текот на ноќта ќе бидат во дежурство – додаде Ренџов.
Овој дел од планината Серта, како што потсетија пожарникарите, гори речиси секоја година.