Пожар во фабрика за стиропор во Кочани

Голема материјална штета е предизвикана од пожар што денеска избувна во фабрика за производство на изолациски материјали од стиропор, лоцирана во индустриската зона на влезот во Кочани. Територијалната противпожарна единица интервенирала со четири возила и 12 пожарникари по повик добиен околу пладне.

Според командирот на ТППЕ – Кочани, Драган Апостолов, огнот бил гасен во специфични околности поради лесно запаливата природа на материјалите, но со брза реакција пожарот бил локализиран и спречено е негово ширење кон соседните објекти.

Интервенирале 12 пожарникари, причините се истражуваат

„За среќа, покрај материјалната штета, нема повредени вработени, ниту пожарникари“, истакна Апостолов. Полициски службеници од ОВР – Кочани извршуваат увид на местото на настанот, со цел да ги утврдат точните причини за избувнувањето на пожарот.

Втор голем пожар за два дена

Ова е втор сериозен пожар во Кочани за само два дена. Во вторникот, во кругот на една транспортна компанија во населбата Оризари, беа уништени три автобуси и едно патничко комбе. Двата инцидента ја зголемуваат загриженоста за противпожарната безбедност во регионот.