Пожар во ловиштето Јасен со денови не е целосно изгаснат, теренот е непристапен, ангажирани се хеликоптери и специјалци

Неколку пожари се активни денеска на отворен простор низ државата, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов. Најсериозната состојба е со пожар во ловиштето Јасен на територијата на Општина Македонски Брод, каде пожарот со денови не може целосно да се стави под контрола.

„Овој пожар е активен неколку дена. Иако повеќе пати беше ставен под целосна контрола, а на моменти и целосно изгаснат, поради исклучително непристапниот терен некои негови краци повторно се реактивираат, зафаќајќи поголема површина“, изјави Ангелов.

Во гаснењето се вклучени три хеликоптери – два на Министерството за внатрешни работи и еден на Армијата. Тие дејствуваат од раните утрински часови. На терен се распоредени 15 припадници на специјалните единици на МВР и 26 припадници на специјалните единици на Армијата. Заедно со екипите на ЈП „Јасен“ и неколку тимови од Национални шуми се обидуваат да воспостават контрола над огнената стихија.

Ангелов додаде дека активен е и пожарот во атарот на село Крапа во Македонски Брод, во близина на пожарот кој беснеел пред дваесетина дена.

„Засега се работи за мал пожар и сум оптимист дека истиот ќе биде набргу ставен под контрола, а потоа изгаснат. Сè уште се работи на гаснење на пожарот во близина на скопското село Свиларе, каде на терен се наоѓаат Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје со поддршка на два пинцгауери на ДЗС“, рече Ангелов. Тој посочи дека во моментов нема други пожари кои може да се издвојат како тешки за гаснење.

Тој информираше дека вчера имало тежок пожар за гаснење на територијата на Кичево, кој избил во атарот на селото Челопејци.

„Овој пожар, кој тргна кон блиските воени објекти и претставуваше закана за селото, беше изгаснат со брза и агресивна реакција. Кон него итно упативме два полициски хеликоптери, еден армиски хеликоптер, како и двата Ер-трактори на ДЗС. Од земја, покрај екипите на ТППЕ Кичево, во гаснењето учествуваа и повеќемина припадници на Армијата, а значителна поддршка дадоа и локалните жители. Овој многу тежок пожар кој беше активен до доцните часови во ноќта и во 2 часот по полноќ беше целосно изгаснат. Оставени се патроли кои патролираат за да не дојде до негово реактивирање на некои од неговите краци. Состојбата со овој пожар е мирна“, истакна Ангелов.