Пожар избувна синоќа во пречистителната станица за отпадни води во селото Мојанци. Според информациите од Територијалната противпожарна единица од Кочани, огнот се појавил на инсталација од системот за пренос на метан, при што биле зафатени цевки од системот.

Интервенција со четири возила и осум пожарникари

Пожарот избувнал околу 20:30 часот, по што веднаш интервенирала ТППЕ Кочани. На терен биле испратени четири противпожарни возила и осум пожарникари, а во интервенцијата се вклучило и возило од ДПД.

„Добивме дојава за пожар во пречистителната станица во Мојанци и веднаш интервениравме со четири возила и осум пожарникари. Со нас беше и возило од ДПД. Пожарот од наша страна брзо е локализиран и изгаснат. Беше запален и зафатен дел од пречистувањето на метанот, но сега веќе нема опасност. Фабриката продолжува да работи“, изјави доцна синоќа Драган Апостолов, командир на кочанската ТППЕ.

Предизвикана само материјална штета

Во пожарот е предизвикана материјална штета, додека причините за настанувањето на огнот допрва ќе се утврдуваат. Брзата реакција на пожарникарите од Кочани спречила огнот да се прошири кон балонот каде што се собира метанот и да дојде до евентуална експлозија.