Пожари во Албанија предизвикаа смрт на 80-годишен маж, евакуирани се жители од три села во Грамш
Ситуацијата со пожари во Албанија се влошува, а денеска е регистрирана прва жртва, соопшти полицијата од Елбасан. Станува збор за 80-годишен маж кој го загубил животот во пожар во село кај Грамш, што сам го предизвикал.
„Денеска околу 11 часот, лице на возраст од околу 80 години предизвикало пожар во градината на својата куќа, во селото Кулолас. Пожарот излегол од контрола и масовно се проширил во неколку села во округот Грамш. Лицето го загубило животот како резултат на задушување“, се наведува во полициското соопштение за медиумите.
Од полицијата информираат дека заедно со противпожарната служба и службите за цивилни итни случаи веднаш излегле на терен. „Интензивно работат на гаснење на пожарот. И на евакуација на жителите од селата каде што се проширија пламените јазици“, се додава во соопштението.
Поради сериозноста на состојбата, Министерството за одбрана на Албанија нареди евакуација на жителите од три села во подрачјето на Грамш.
„Поради пожарите, кои брзо се шират, Министерството за одбрана ги повикува жителите на селата Кулолас, Блетез и Менколаре веднаш да ги напуштат своите домови и да соработуваат со властите за безбедна евакуација“, стои во соопштението.
Министерството прецизира дека само во овој дел на земјата, покрај противпожарната единица и локалната власт на Грамш, вклучени се и 80 припадници на армијата. Дополнително е ангажиран и армиски хеликоптер кој работи непрекинато за да се изолираат пламените јазици.