Пожарникарите и денес продолжуваат со интензивната борба против големите шумски пожари што беснеат во повеќе делови на Грција. Силниот ветер постојано создава нови жаришта и значително ги отежнува напорите за локализирање на огнената стихија, додека властите предупредуваат дека ризикот од нови пожари останува исклучително висок.

Најтешка е состојбата во областа Агиа Параскеви во Ретимно, на островот Крит. Противпожарните екипи цела ноќ интервенираа на терен, а со првите утрински часови повторно се вклучија и противпожарните авиони во обид да го стават пожарот под контрола.

Во меѓувреме, нови пожари избувнаа во Ахаја, во северозападниот дел на Пелопонез, како и во регионот Ксиромеро во Етолија-Акарнанија.

Грчките власти испратија итни предупредувања преку системот „112“, а на погодените подрачја се распоредени голем број пожарникари и воздушни сили. Истовремено, ситуацијата е подобрена на островите Андрос и Калимнос, додека на Парос пожарникарите и натаму се справуваат со повеќе помали жаришта кои повторно се активираат поради силниот ветер.

Грчката служба за цивилна заштита предупреди дека регионот Атика, поширокото подрачје околу Атина, како и уште неколку делови од земјата, денес се наоѓаат под многу висок ризик од пожари, односно четврто ниво на опасност.

Надлежните институции ги повикаа граѓаните да избегнуваат активности што можат да предизвикаат пожар и строго да ги почитуваат сите предупредувања и упатства издадени од службите за цивилна заштита.