Пожарот кај фабриката Самоков – еден крак сè уште гори и се гаси со авијација

Пожарот кај фабриката Самоков и втор ден останува активен, но според најновите информации што попладнево ги соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, не постои опасност по самиот индустриски објект. До моментот се ставени под контрола три крака од огнената линија, додека еден сè уште е активен и се гаси со авијација.

„Директорот на фабриката и градоначалникот на Општина Македонски Брод ме известија дека нема потреба од дејство на ‘ер тракторот’ којшто цел ден дејствуваше на овој потег околу фабриката. Под контрола се ставени три крака на овој тежок пожар. Останува активен еден крак и за да се избегне опасност по блиското село ‘ер тракторот’ ќе продолжи да дејствува ова попладне се додека условите го дозволуваат тоа“, информира Стојанче Ангелов.

Кризна состојба прогласена на територија на цела држава

Поради зголемената активност на шумски пожари низ земјава, Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба на територијата на целата држава, со времетраење од 30 дена. Оваа мерка овозможува мобилизација на сите расположливи ресурси: Армијата, полицијата, ЦУК, ДЗС и локалните самоуправи, со цел поефикасна координација во гаснењето и спречувањето на пожари.