Пет активни пожари во четири општини – не се загрозени населени места
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека од вкупно девет пријавени пожари на отворено низ земјава, има пет активни пожари во четири општини. Пожарите се регистрирани во следните општини: Дојран, Велес, Македонски Брод и Скопје. Во моментот, ниту едно населено место не е директно загрозено.
На денешната заедничка прес-конференција, директорот на ЦУК, Мухамед Аљи, и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, го посочија пожарот кај село Николиќ, Дојран, како најактуелен.
Во интервенцијата се вклучени Противпожарната единица од Валандово, доброволци од Дојран, како и двата ер-трактора на ДЗС. Дополнително, во акцијата учествуваат и пожарникари од Гевгелија и Струмица, заедно со екипи од „Национални шуми“. Пожарот се движи кон валандовската страна, но според проценките на Ангелов, до крајот на денот ќе биде ставен под контрола.
Пожари и во Велешко, Македонски Брод и Гази Баба
Моментално има пет активни пожари во четири општини
Вториот пожар е во село Крушје, општина Велес, каде што интервенираат Противпожарната единица од Велес и 30 припадници на Армијата. Третиот е во општина Македонски Брод, во реонот меѓу селата Црешево, Локвица, Карпа и Слатина. Таму дејствуваат локалните пожарникари и ЈП „Македонија пат“.
Четвртиот активен пожар се наоѓа кај селото Раштак, општина Гази Баба, кој се шири кон село Љуботен. Петтиот е во општина Сарај. За сите нив, надлежните служби постојано се на терен.
Гори претежно деградирана шума – нема висок ризик за екологијата
Според Ангелов, огнените линии се лоцирани на непристапни терени, каде што гори нискоквалитетна или деградирана шума. Во еден случај, кај селото Крапа во Македонски Брод, пожарот навлегол во делумно квалитетна шума.
„Штетата од аспект на екологија не е за потценување, но е значително помала од лани“, рече Ангелов.
На новинарско прашање за ризикот за населени места, Ангелов одговори:
„Во овој момент, немаме критичен пожар што директно загрозува села, куќи или викенд населби. Интервенциите се координирани и постојани, и сѐ се држи под надзор.“