Пламенот се активираше повторно кај Рогачево и Јажинце, а огнената линија надмина еден километар

Пожарот во Тетовско кај селата Рогачево и Јажинце кој вчера попладне беше ставен под контрола, повторно се активираше синоќа.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека синоќа околу 22:30 часот огнот повторно се разгорел. Според утринските информации од 9:00 часот, состојбата останува непроменета – пожарот и понатаму е активен.

Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, соопшти дека во текот на ноќта, со помош на жителите од Рогачево, успеале да изгаснат една линија од пожарот.

„Доцна синоќа пожарот во атарот на село Јажинце, општина Јегуновце, повторно се реактивира. Набргу потоа, поради лесно горлива висока трева, грмушки и смреки пропратени со засилен ветер, огнената линија стана подолга од еден километар, движeјќи се во насока на магистралниот пат Тетово – Јажинце. На патот бргу поставивме одбрана со десет ПП цистерни, осум пинцгауери и еден воден топ на МВР, за да не дозволиме огнот да помине преку патот, доколку стигне до него“, информираше Ангелов.

Околу полноќ, тој се искачил до линијата на огнот над патот. Откако лично се уверил дека ветрот е поволен, горењето ослабнато и има услови за ноќно гаснење од земја. Заедно со неговиот возач и седум жители на Рогачево започнале со гаснење на таа огнена линија.

„Гаснењето се одвиваше во две фази – гаснење, контролирање и догаснување на изгаснатата линија. Некаде околу три часот по полноќ ја совладавме целата лева огнена линија во должина поголема од еден километар. Посебно голема благодарност до седумчлената чета на Цветко Војвода од Рогачево, со која успеавме да спасиме неколку хектари трева, грмушки и шума. Гасневме по исклучително тежок терен, изложувајќи се притоа и на определен ризик“, истакна Ангелов.

Според него, десната огнена линија на пожарот во Тетовско била далеку и поради тешко пристапниот терен со густа вегетација полна со трње, екипите не можеле да се пробијат до таму.

„Во овој момент изгаснатата лева линија покажува жешки точки и знаци на разгорување. Затоа е активиран полицискиот хеликоптер кој со прецизно фрлање на вода дејствува точка по точка. Еден крак од пожарот се движи во насока на селото Дворце кон скопската страна“, соопшти Ангелов.

Тој додаде дека министерот Тошковски синоќа ја посетил локацијата на пожарот. Според него, министерот цела ноќ и утрово останал со екипите кои се ангажирани во гаснењето.

На местото се присутни пожарникари со навални возила од ТППЕ Тетово, Гостивар, Велес и Кавадарци, како и локално население кое активно помага во справувањето со пожарот.