Сметам дека ова е позитивен сигнал и кон граѓаните, дека сепак политичките партии коишто се доминантни во државата и коишто ги застапуваат граѓаните во Парламентот можат да седнат на иста маса и да разговараат за клучните проблеми коишто се однесуваат и на граѓаните и на иднината на државата, изјави вечерва премиерот Димитар Ковачевски осврнувајќи се на денешната лидерска средба што се одржа во Собранието.

Тој во гостување на ТВ Сител нагласи дека е нормално да има различни политички ставови, но, како што истакна, доколку се седи, доколку се разговара, тогаш и добар дел од тие политички ставови можеби во иднина и ќе бидат приближени.

– Ова беше прва средба на којашто разговаравме, дел од политичките лидери го поздравија овој формат на средби со оглед на тоа дека можеа одблизу да се информираат за детали во однос на процеси кои што се одвиваат и ќе повторам уште еднаш и за евроинтеграциите и за справувањето со енергетската криза и за основните претпоставки во буџетот за 2023 година, антикризните мерки, исто така претседателот на Собранието ги објасни и процедурите и постапките во детали коишто се однесуваат на евентулани уставни промени во државата, појасни Ковачевски.

Премиерот додаде дека и во иднина ќе се одржуваат лидерски средби.

– Ќе има нови лидерски средби, апсолутно, ние и честопати сме разговарале со лидерите на политичките партии, јас редовно разговарам со нив, меѓутоа сметам дека овој формат денеска се покажа како добар за да секој може да ги каже своите политички ставови по однос на најважните прашања, потенцираше Ковачевски.