Скандалозното однесување на Ритко било пријавено во полиција, но додека да дојдат тој низ прозор од училница побегнал. Полицијата со неговите придружнци го фатила на друга локација, кога малтретирале друг човек и му го прегледувале гепекот од автомобилот.

ММС од очевидци дознава дека Ритко со уште неколкумина за да влезе го искористил големиот одмор, кога вратата се отворени, бидејќи учениците мора да излезат за да се дезинфицира. Пред крај на одморот тој и уште неколкумина со него, заедно со учениците скришно влегол во школото. Влетал во првата училница и почнал да ги снима децата.

-Кога влегол кај учениците им рекол „јас сум градоначалник на школото“ и потоа со вулгарни зборови се обратил кон ученичките. Од школото веднаш повикаа полиција. Не можеше да избега преку вратата бидејќи по завршување на големиот одмор вратата вендаш автоматски се заклучува, па тој заедно со неговата дружина скокнал преку прозор од една од училниците, а потоа преку дворот ја прескокнале оградата висока две метри и со шипки, велат наши извори.

Настанот ни го потврди и директорот на училиштето, кој за ММС изјави дека полицијата веќе го расчистува случајот.

-Го искористиле моментот на голем одмор, влегле меѓу учениците. Веднаш е реагирано, повикавме полиција. Влегол во училницата, која прва му дошла, лажно се претставувал како наставник, навредувал и потоа побегнаа преку прозор од кабинетот за угостителство. Се случи три минути пред да заврши големиот одмор. Навредувал и ученички, кои потоа дадоа изјава пред полицијата. Во школите се работи по протоколи и затоа брзо реагиравме. Дежурните наставници реагираа и многу брзо дојде полиција. Но, за минута се направи инцидент, вели за ММС директорот Дејан Павлов.

Очигледно дека ова не било доволно за Ритко и уште неколкумина со него, па откако побегнале од школото малтретирале возрасен човек на пат, каде и ги уапсила полицијата.

ММС се обрати и во СВР Штип од каде исто така ни го потврдија настанот.

-Денеска (14.09.2021) од страна на полициски службеници во Полициската станица Штип приведени се Р.М.(21), Д.Д.(20), О.Ш.(21) и еден малолетник сите од Битола, бидејќи во 09.20 часот во просториите на средно општинско училиште во Штип неовластено влегле и се задржале, а во кое не се ученици, постапувајќи спротивно на чл.26 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Запознат е Јавен обвинител и од страна на СВР Штип се прибираат докази и преземаат мерки и за целосно расчистување и комплетирање на кривичното дело „загрозување на безбедноста на сообраќајот со опасно дејствие или средство“ казниво по чл.298 од КЗ, велат од СВР Штип.

Ритко се смета за познат јутјубер, а видеата ги постира на Јутјуб и на Инстаграм.