Вештачењето сè уште трае – трагите од тркалата под лупа

Првите наоди од истрагата на шпанската Цивилна гарда за тешката сообраќајна несреќа во која животот го загубија напаѓачот на Ливерпул, Диого Жота (28) и неговиот три години помлад брат Андре Силва, укажуваат дека брзината со која било управувано возилото била значително над дозволената.

  • „Иако вештачењето сè уште е во тек, трагите оставени од едно од тркалата ќе бидат посебно анализирани, но досегашните докази укажуваат на премногу голема брзина“, информираше Цивилната гарда.

Несреќата се случила во ноќта меѓу 2 и 3 јули на автопат во покраината Замора, северозападна Шпанија. Според првичните информации, Жота сам го управувал возилотолуксузен „Ламборџини Хуракан“, кој бил изнајмен, пренесуваат португалските медиуми.

Од траект до трагедија: Жота не сакал да лета поради здравствена состојба

Патувањето на Жота имало за цел да го пренесе од Португалија до Сантандер, од каде требало да се качи на траект за Англија, откако лекарите му препорачале да не патува со авион поради неодамнешна операција на белите дробови.

Несреќата се случила пред пристигнувањето на службите за итни случаи, а возилото излетало од патот и се запалило, потврдува Цивилната гарда. И двајцата починале на самото место.

Свадба, три деца и трагичен крај

Португалскиот репрезентативец се оженил само десет дена пред несреќата со својата долгогодишна партнерка, со која имаше три деца. Несреќата предизвика огромна тага во фудбалската јавност, особено во Англија и Португалија.

Погребот на браќата Диого Жота и неговиот брат Силва се одржа во саботата во нивниот роден град Гондомар, близу Порто. Неговото семејство и фудбалската заедница се простија од нив со голема тага.