Познати детали за бегството на Саит Саитов – му помогнале сопружници
Сопружнци му помогнале на Саит Саитов, тинејџерот кој прегази жена во скопски Капиштец, да избега во соседна Србија. Јавното обвинителство соопшти дека покренало обвинение против маж и жена кои се товарат дека се соизвршители во делото. Истовремено, за осомничениот маж, јавен обвинител предложил мерка притвор, додека за жената мерка куќен притвор.
Според соопштението, на 9 јануари, со автомобил „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, сопружниците веднаш по сообраќајната несреќа дошле до домот на Саитовски. Го зеле него и неговиот татко, па преку граничниот премин Табановце ги пренеле во Србија. Таму ги оставиле и се вратиле назад во Maкедонија околу полноќ.
Осомничениот Саитов, кој предизвикал сообраќајна несреќа со смртни последици, сè уште е во бегство. По него трага полицијата врз основа на издадена меѓународна потерница од ОЈО Скопје.
Станува збор за Саитов Саит, роден на 6 април 2007 година во Скопје, од татко Берти и мајка Ганимете, со последна пријавена адреса на улицата Дом Ндуе Битичи во Скопје. Тој се бара поради сомнение за сторено кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Според досегашните наоди од истрагата, на 9 јануари осомничениот управувал патничко возило „фолксваген пасат“ по улицата Народен фронт, без да поседува важечка возачка дозвола и со брзина која не била прилагодена на условите на патот и сообраќајот. При непрописно поместување налево, навлегол во коловозна лента наменета за спротивен правец и удрил во пешакот Љуба Јаковлеска, која го преминувала коловозот.
Од ударот, жената се здобила со тешки телесни повреди и била пренесена во Ургентниот центар, каде подоцна починала. Наместо да ѝ укаже помош, возачот го напуштил местото на несреќата и станал недостапен за надлежните органи.
