Возачот следел возило на итната помош
Полицијата во Мерисајд објави нови информации за инцидентот што се случи во понеделникот, 26 мај, кога автомобил влета во толпа навивачи за време на прославата на титулата на ФК Ливерпул. Според најновите сознанија, возачот пристапил до затворената улица Вотер така што го следел возилото на итната помош, кое во моментот интервенирало кај лице со сомнеж за срцев удар.
Инцидентот не се третира како терористички напад
Помошничката на началничката на полицијата истакна дека немало никакви индикации дека се подготвува напад, и оти улицата била обезбедена во согласност со процедурите за вакви масовни настани. Инцидентот не се третира како тероризам.
Очевидци изјавиле за Би-Би-Си дека автомобилот прво бил бркан од група луѓе кои го удирале и фрлале предмети, пред истиот да се качи на тротоар, да удри во пешаци, и повторно да се врати на патот.
65 повредени лица, 4 во сериозна состојба
Властите потврдија дека бројот на повредени се искачи на 65 лица, од кои 50 добиле медицинска помош, а 11 се примени во болница. Состојбата на четворица повредени сè уште е сериозна, потврди градоначалникот на Ливерпул, Стив Ротерам.
Полицијата апелираше до јавноста да не споделува вознемирувачки снимки и фотографии од инцидентот и да не се шпекулира за мотивите.
Уапсен 53-годишен маж
Во врска со инцидентот, уапсен е 53-годишен маж од Западен Дерби, кој е осомничен за обид за убиство, опасно возење и управување со возило под дејство на дрога. Истражната постапка е во тек.