Фокус ги пренесува деталите за тоа како би се одвивала екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо, кој се очекува деновиве да биде вратен во Македонија.

Како што пишува медиумот, Палевски, најверојатно, во присуство на турската полиција ќе биде спроведен до аеродромот, поточно до авионот со кој ќе патува, а таму ќе го пречекаат припадници на македонската безбедносна служба. Тие ќе бидат задолжени за него додека лета, а потоа штом авионот ќе слета на македонско тло, како засилување ќе го пречекаат припадници од специјалната единица „Тигри”.

Од таму, под силно полициско обезбедување, веднаш ќе биде транспортиран во истражниот затвор ,,Скопје”, бидејќи му е одредена мерка притвор.

Палевски е еден од осомничените за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски.

Барањето за екстрадиција доаѓа по неговото апсење на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела – „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.