Македонската фудбалска репрезентација во март следната година ќе игра бараж за опстанок во Б-лигата на Лигата на нации, а веќе се познати четирите потенцијални противници. Тоа се Кипар, Белорусија, Фарските Острови и Естонија.
Баражот ќе се игра во два натпревари, по еден на домашен и на гостински терен, без дополнителен круг односно нова рунда разигрување.
Ждрепката за баражот е закажана за петок, 20 ноември, со почеток во 12:00 часот.
Натпреварите за опстанок во Б-лигата ќе се одиграат од 25 до 30 март. Првите средби се предвидени во периодот од 25 до 27 март, додека реваншите ќе се играат од 28 до 30 март.
Македонија ќе ги започне квалификациите за Европското првенство во јуни 2027 година. Ждрепката е закажана за 6 декември, а националниот тим ќе биде сместен во група со четири репрезентации.
Победниците на групите директно ќе се пласираат на континенталниот шампионат, додека поголемиот дел од второпласираните ќе добијат можност за пласман преку баражот.
