Вчера во ТИРЗ се удри камен темелник
Германската „БМЗ“ удри камен-темелник на новата фабрика во Бунарџик за производство на литиум-јонски батерии. Во новиот погон треба да се вработат над 700 луѓе, инвестирани се над 65 милиони евра. „БМЗ Македонија“ веќе има постоечки капацитет во поранешен „Раде Кончар“ каде што работат 110 луѓе.
Од менаџментот велат дека градат најмодерен објект чијашто изградба треба да заврши до крајот на мај. Компанијата извезува во Полска и во Германија.
„Сега во моментот најмногу работиме со Германија, извезуваме во Германија и во Полска. Целта на постоењето на фабриката во Македонија е за да може да бидеме блиску до европскиот пазар. Вистина е дека ние не сме ЕУ, меѓутоа сме во Европа. Од мај, кога очекуваме фабриката да се пушти во погон, очекуваме дека ќе се рашири и надвор од европскиот пазар“, изјави Јелица Ивановска, генерален директор на „БМЗ Македонија“.
Премиерот Мицкоски се заблагодари и на поранешниот вицепремиер Битиќи за сработеното со германскиот инвеститор. Најави дека Владата веќе преговара за неколку нови инвестиции.
До 1000 вработени и 40 прозиводни линии
Погонот кој се очекува да работи со полна сила во мај може да отвори пазари за извор и во други земји освен Германија, со која во моментот најмногу работи „BMZ Group“. Планирани се 40 производни линии во првата фаза и до 1.000 вработени.
– Во тек се преговори за проширување на две постоечки инвестиции од странски инвеститори, но и една нова од моќна членка на ЕУ и таа ќе се заврши до крајот на годината. Мислам дека со тоа ќе биде исцрпен потенцијалот на човечки инвестиции од ваков тип кај нас. Не може човек да не биде радосен кога се отвора инвестиција од 65 милиони евра со минимум 750 вработени, планиран е извоз од 35-40 милиони евра извоз во првите години, максиум 60 милиони во првите три години, а извозот понатаму може да достигне и до 130 милиони евра. Да се множат ваквите инвестици – рече Мицкоски.
Мицкоски зборуваше и за порастот на индустриското производство од 3,8% и факторите што влијаеле на тоа. Тој вели дека во првите два квартали имало големи падови при работата на претходната влада, а во мај падот бил двоцифрен.
Инвестициски бум
Од почетокот на мандатот веќе има неколку успешни инвестиции од владата предводена од Мицкоски.
Премиерот Мицкоски ги соопшти очекувањата
Премиерот очекува БДП-то да расте до крајот на годината, а меѓу причините ја спомна и стабилната бизнис-атмосферата во земјата во која, како што вели, сега нема „фудбалчиња по кабинети и рекетирања“.
Групацијата BMZ е лидер во обезбедување цел животен циклус на литиум-јонски батериски системи со примена во различни индустрии. Седиштето на BMZ Holding GmbH е во Карлштајн на Мајна, Германија. Производствените капацитети на групацијата се лоцирани во Германија, Кина, Полска и САД, а има отворено претставништва за продажба во Јапонија, Велика Британија и Франција.
СДСМ обвинува
Од СДСМ повторно ја обвинија Владата дека се кити со нивните перја. Последната инвестиција на германската „БМЗ“, велат од опозициската партија е донесена во време на СДСМ и потпишана од поранешниот вицепремиер Битиќи.