Милиони луѓе се на подрачјата за кои е на сила предупредувањето за високи температури, а многу од нив се борат со истите без климатизација во регион кој обично ужива во благите лета.

– Стотици ненадејни смртни случаи се поврзани со топлотниот бран, изјавија канадските власти.

Според официјалните податоци, во изминатите 5 дена се евидентирани 486 смртни случаи само во провинцијата Британска Колумбија, што е пораст од 195 отсто во споредба со смртните случаи во овој период од претходните години.

Невообичаено високи температури за овој период од годината се измерени ширум Северна Америка, а шефицата на погребната служба во Британска Колумбија, Лиза Лапуант, вчера изрази верување дека зголемената смртност е поврзана со екстремните временски услови во оваа канадска провинција.

Додека бројни научници тврдат дека за ваквите жештини се виновни глобалното затоплување и постојаниот раст на температурите, метеоролозите велат дека одговорна за тоа е и „топлотната купола“, метеоролошка аномалија.

Што е „топлотна купола“?

Топлотната купола во основа е планина со топол воздух, заробена на едно место поради воздушните струења во горниот слој од атмосферата, односно поврзаниот систем на низок и висок притисок кој се задржува во регионот.

Во овој случај, гребенот под висок притисок, што е топлотната купола, останал заробен во северозападниот дел на Тихиот океан. Тој делува како блокада во атмосферата, не дозволувајќи му на времето да се поместува. Специфичниот вид блокада се нарекува Омега блок бидејќи изгледа како грчката буква Омега, а топлиот воздух се акумулира внатре.

Зошто температурите се толку екстремни?

Подрачјата со висок притисок, како што се топлотните куполи, имаат воздух кој тоне. Ова го компресира воздухот на земјата и под компресија го загрева воздушниот столб. Покрај тоа, ветровите се спуштаат низ планините во градовите како Сиетл и Портланд, а ваквото движење надолу предизвикува и загревање.

Овие локални ефекти во комбинација со климатските промени, кои го загреаја северозападниот дел на Пацификот за околу 10 степени од прединдустриската ера, додаваат интензитет на веќе силниот топлотен бран.

Кои области се засегнати во моментов?

Топлотниот бран се шири од Британска Колумбија во Канада до Вашингтон, Орегон, Ајдахо, Монтана и Калифорнија. Градот Литон во Британска Колумбија измери 46 Целзиусови степени во неделата, а рекордни температури во Канада се бележат трет ден по ред. Во вторникот во Литон беа измерени 49,6 Целзиусови степени.

Портланд го сруши рекордот и во саботата со 42 Целзиусови степени, а потоа го сруши и во неделата кога беа измерени 44 Целзиусови степени.

Сиетл исто така постави нов рекорд со 40 Целзиусови степени во неделата и 42 степени во понеделникот.

Државите Вашингтон и Орегон од петокот имаа температури над 40 Целзиусови степени. Во Салем, Орегон, во неделата беа измерени 44,4 степени.

Колку време ќе трае?

Жештината ќе се ублажи во близина на крајбрежните региони и во Сиетл и Портланд од среда, кога ќе се спушти на околу 30 Целзиусови степени. Сепак, рекордната топлина ќе трае цела недела во внатрешноста на северозападниот дел на Пацификот.

Статистички гледано, ова е појава која би требало да се случува еднаш на 1.000 години во нормална клима. Но, нашата клима веќе не е нормална: таа се вжештува поради климатските промени предизвикани од човекот. Значи, овие некогаш речиси невозможни топлотни бранови ќе станат не само можни, туку и поверојатни во следните години и децении.

Коментирајќи ја кризата во Канада, премиерот на Британска Колумбија, Џон Хорган, изјави дека ова треба да послужи како „голема лекција дека климатската криза не е фикција“.

– Ова не е проблем на Британска Колумбија, ова не е проблем на Канада, ова е глобален предизвик, рече тој.