Очигледно е дека СДСМ во крајна безидејност и очајност во понудата на програмски решенија и проекти, во периодот пред почетокот на кампањата за локалните избори ќе настапува со празни флоскули, лаги и манипулации, реагираше денеска партијата ЗНАМ на ставот на опозицијата дека е скандал од невидени размер повлекувањето на обвинението за кумановскиот градоначалник Максим Димитровски.
„За конкретниот случај сакаме да ја информираме јавноста дека сите судии и јавни обвинители кои службено биле инволвирани во предметот се избрани или именувани во времето на 7-годишниот владин мандат на ДУИ и нивниот зависен партнер, привезокот СДСМ. За разлика од зависноста што ја имаше СДСМ од ДУИ во водењето на Македонија кон амбисот, националната катастрофа и предавството од епски размери на државните интереси, Движењето ЗНАМ за наша Македонија е сам на своето, со свои автохтони политики, со одлука за самостоен настап на следните локални избори и рамноправен партнер со ВМРО-ДПМНЕ во Владата на Република Македонија“, се вели во реакцијата на ЗНАМ.
За овој предмет правдата конечно излезе на виделина, се додава.
„Пред претседателските избори во 2024 година претседателот Димитриевски рече дека тоа е политички монтиран процес од страна на урбано-политичко бизнис спрега позната во општината. Го бранеше јавниот интерес и тогаш и сега ги застапува интересите на граѓаните. Во текот на процесот помина низ долго патешествие и присуствуваше на секое рочиште пред судот, со сите опструкции од тогашната власт. Во таа судска постапка беа презентирани многу факти и аргументи во форма на докази од адвокатскиот тим, кој ги побија обвинувањата и потврди дека тој работел по закон, во заштита на јавниот интерес“, соопшти ЗНАМ.
Ја поздравуваме одлуката на Јавното обвинителство дека нема основа за кривична одговорност за злоупотреба на службената положба и докази и да се повлече обвинението против градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, се вели во реакцијата.
Вистината е дека на вистинските социјалдемократи им се разјаснуваат штетните политики на раководствата на СДСМ, двоецот Заев-Филипче т.н златни дечки, кои после дебаклот што ќе го доживеат на локалните избори во првите 7 дена потоа се спремни да емигрираат во Дубаи. И на крајот, да ја употребиме изјавата на нивниот градоначалник во Струмица.
Им посакуваме среќа во кампањата за локалните избори и да освојат барем една општина во Македонија“, соопшти ЗНАМ, чиј претседател е Максим Димитровски.