Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека „прашање на ден е кога демонстрантите ќе убијат некого“, во обраќање по низа насилни протести во Србија при кои беа запалени партиски простории на СНС и други партии. Тој најави решителни чекори за ставање крај на протестите.
Вучиќ ги обвини демонстрантите за насилства во Ваљево, Белград и Нови Сад, вклучително и за палење и напади врз простории на политички партии, полицијата и други институции. Тој оцени дека случувањата во Нови Сад и Ваљево, каде што беа демолирани и запалени просториите на Српската напредна партија, претставуваат тероризам. Според него, протестите се дел од контролирани сценарија на хаос со цел дестабилизација и притисок за избори.
Претседателот најави дека во наредните 3-4 дена ќе следуваат „изненадувачки одлуки“ на државата и „решителна акција за враќање на мирот и поредокот“. Тој додаде дека за десет дена ќе бидат приведени сите учесници во нередите.
– Со народот на Србија ќе го победиме ова зло. Ќе ја видите сета моќ на државата Србија и ќе искористиме сè што е на располагање за да го вратиме мирот и редот во земјата. Ќе победиме – рече Вучиќ, додавајќи дека државата ќе се спротистави на внатрешниот хаос и надворешните притисоци.
Тој ги повика обвинителите да реагираат и повтори:
– Само се плашам дека во следните неколку дена да не убијат некого, пред формално правно да подготвиме сè за реакцијата на државата. Тоа е сè што им остана, правеа сè друго.
Вучиќ нагласи дека државата ќе ги заштити граѓаните и нивниот имот и најави поинаква реакција од претходните. Според него, во последните два-три дена биле повредени 173 полицајци задолжени за редот на протестите.
– Или ќе ги браниме вредностите на нормалниот, пристоен и демократски живот или ќе имаме ситуации да ни доаѓаат по куќите, а ние да стоиме и да гледаме – изјави Вучиќ, прашувајќи ги организаторите на протестите што ќе прават утре кога „клатното ќе се заниша и некои други ќе почнат да доаѓаат пред нивните куќи“.
На крајот, претседателот порача дека досега не слушнал реакција од еврокомесарката Марта Кос за палењето на просториите на СНС и праша дали воопшто го видела тоа.