Дополнителниот заменик министер за информатичко општество и јавна администрација, Стефан Андоновски заедно со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија го поддржаа протестот на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), кој денеска се одржа пред Законодавниот дом поради носењето на Законот за административни службеници по скратена постапка.
Андоновски рече синдикатите не биле вклучени да ги кажат своите забелешки во последната верзија на Законот за административни службеници, како и дека се манипулира во јавноста дека тие биле вклучени во дебатата.
-Не знам што е потребата набрзина да се турка оваа верзија со европско знаменце знаејќи дека влегуваме во изборен циклус и мислам дека се прави поголема штета отколку корист, бидејќи ќе се создаде дополнителен хаос за овие вработени, затоа што ќе се поделат на два дела, помал дел кои што ќе земат определен надоместок во овој период, но поголем дел кој што ќе се соочи со намалување на платата, односно недобивање на она што им беше загарантирано со колективниот договор и со минималната плата од претходно, рече Андоновски.
Вели реформите во јавната администрација мора да бидат инклузивни и да се прават постојано.
-Со ова темпо на реформи кои што ги правиме во јавната администрација и со оценките на Европската Унија, ќе ни требаат 306 години за да го стигнеме нивото на ЕУ, доколу ЕУ застане со реформите во јавната администрација. Нашата поента е дека реформите мора да бидат инклузивни, но мора да се прават постојано, рече Андоновски.
Посочи дека во претходните верзии на Законот биле консултирани лица од ВМРО-ДПМНЕ, но како што рече, за оваа последна верзија тие не се консултирани и истата не ги вклучува барањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
-Луѓе од нашата партија биле консултирани за претходните верзии на Законот, но последната верзија не е комуницирана со нив и истата не ги вклучува барањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, но уште повеќе не ги вклучува барањата на експертите, невладините организации, синдикатите. Не можете да дискутирате за една верзија на закон и да кажете дека сите се консултирани, а потоа сосем друга верзија да пратите во Собрание само истиот наслов да го задржите, додаде Андоновски.