Нов политички удар за Таравари – Мимоза Муса се дистанцира од партијата

Пратеничката Мимоза Муса официјално соопшти дека ја напушта Алијансата за Албанците на Арбен Таравари. Oстанува дел од владината коалиција. Таа ја објави својата одлука преку објава на Фејсбук. Нагласи дека нејзиниот приоритет остануваат гласачите кои и ја доверија поддршката.

Муса: “Не сум тука поради лични интереси”

Во својата објава, Муса истакна дека добила над 107.000 гласови на последните избори и дека тој мандат не е само бројка, туку симбол на довербата на народот кој сака промена од повеќедецениското владеење на ДУИ.

„Не сум тука поради лични интереси, туку да му служам со достоинство и одговорност на секој гласач,“ порача Муса. Таа додаде дека „промената започна и ќе продолжиме понатаму“, сигнализирајќи јасна поддршка на владините политики.

Одлуката на Муса доаѓа по повлекувањето на вицепремиерот Арбен Фетаи и пратеникот Салим Сулајмани, кои исто така го напуштија крилото на Таравари. Овие потези дополнително го ослабуваат влијанието на Таравари во пресрет на локалните избори.

Алијансата за Албанците се дели, Таравари под критики

Арбен Таравари го напушти Владата поради несогласувања во рамки на коалицијата „Вреди“, која го обвини дека се приближува до опозициската ДУИ. Партиското раководство најави самостоен настап на локалните избори, што предизвика тензии меѓу коалициските партнери.

Политичката неизвесност продолжува

Се зголемува бројот на функционери кои се дистанцираат од лидерот Таравари, што отвора прашања за иднината на Алијансата за Албанците и стабилноста на опозициските редови. Истовремено, останува нејасно дали овие пратеници ќе формираат ново политичко крило или ќе се приклучат на постојните структури во коалицијата.