Собранискиот спикер Талат Џафери е соочен со кривична пријава која до Основното Јавно Обвинителство ја поднесе Левица со образложение дека умислено не ги свикувал задолжителните пленарни седници за пратенички прашања, кои мора да се одржуваат секој последен четврток во месецот.

Иако во член 39 став 1 од Деловникот на Собранието никаде не стои дека ова е задолжителна одредба, сепак Новица Ристески, координатор на правниот сектор на Левица смета дека Талат Џафери, како единствено надлежен за свикување и претседавање со седниците е должен, оваа одредба доследно да ја спроведува.

Ристески вели дека преку пратенхиците Апасиев и Крмов, Левица ќе ги искористи сите правни механизми да се овозможи доседна примена на пратеничките прашања кои се моќно средство во насока на поголема транспарентност, отчетност и одговорност во работењето на министрите и јавните функционери.


Лидер: Поднесовте “КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ СПИКЕРОТ ЏАФЕРИ ЗАРАДИ СИСТЕМАТСКОТО НЕСВИКУВАЊЕ СЕДНИЦИ ЗА ПРАТЕНИЧКИ ПРАШАЊА ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ГОДИНА“. Во образложението стои дека “Пријавениот се терети дека извршил стек на кривичните дела „Саботажа“ и „Злоупотреба на службената положба и овластување“ бидејќи, како единствено надлежен за свикување и претседавање со собраниските седници, умислено не ги свикувал задолжителните пленарни седници за пратенички прашања, кои мора да се одржуваат секој последен четврток во месецот! Оваа уставна, законска и деловничка должност на пријавениот е императивна, т.е. облигаторна и не предвидува можност за нејзино легално заобиколување, односно законодавството не предвидува никакви исклучоци кои ќе дозволат дискреционо право на претседателот на Собранието на РМ да не ја извршува оваа своја јавна обврска“.

Во Собранискиот Деловник пак во член 39 став 1 стои дека“ за поставување пратенички прашања се свикува посебна седница, последен четврток во месецот“ однносно никаде не стои дека тоа е задолжително. Како го коментирате ова? Дополнително на што се повикувате во кривичната, што прекршил Џафери?

– Посочената деловничка одредба – чл. 39 ст. 1 е облигаторна и предвидува свикување на посебна седница за поставување пратенички прашања, последниот четврток во месецот. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, како единствено надлежен за свикување и претседавање со седниците е должен, оваа одредба доследно да ја спроведува. Тоа бил должен и морал да го знае, поради што произлегува дека неговото преземено дејствие е целосно свесно и со зла намера да се загорози уставниот поредок. Продолженото инкриминирано дејствие е прикриено и подмолно по својата структура, вклучува свесно и неколкукратно неизвршување на конституциони, легислативни и деловнички обврски во целина и во континуитет, со цел тотална дисфункционалност, противправна суспензија и парализа на инструментите на парламентарната демократија.


Лидер: Дали и како Левица се обидува да ги врати пратеничките прашања на дневен ред во Собранието?

– Левица ќе ги искористи сите правни механизми кои и стојат на располагање согласно позитивното право во државата, со кои ќе се овозможи доследна примена на пратеничките прашања. Дополнително, нашите пратеници Апасиев и Крмов, ја разгледуваат можноста за поднесување на предлог на закон со кој пратеничките прашања ќе станат materia legis.

Лидер: Што значат пратеничките прашања за оваа демократија во која сега живееме?

-Пратеничките прашања, кај нас се уставна категорија како фундаментален облик на перманентна парламентарна контрола над извршната власт, согласно начелото на тријалистичка поделба на државната власт, кое е темелна вредност на нашиот демократски уставен поредок. Тие се моќно средство во насока на поголема транспарентност, отчетност и одговорност во работењето на министрите и јавните функционери. Оваа суштинска форма на надзор над работата на владините службеници им овозможува на сите 120 пратеници, а посебно на оние од опозицијата, да ја стават на удар активноста на Владата и работата на секој одделен министер.