Џафери и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски претходно си разменија по неколку реплики околу процедурата за оставка на министри, никој не попушти, за на крај Џафери да му се обрати на Мицевски со: „Ајде излегувај таму“.
Откако си заминаа опозициските пратеници, Џафери кажа:
„Мислев да не го кажам ова, после процедуралните интервенции и одлуката да се излезе од Собранието. Која е иронијата некој да се повика на мојата совест, повикувајќи се на загуба, на тага на тие што изгубија најмило, најдраго, членови на семејството во инцидент за кој истрагата е во тек. Иронијата е што решиле од совест да не учествуваат во работа за која се платени и должност им е да бидат на работа. Нема јас да ја ценам таа совест, ќе ја ценат граѓаните“.
Потоа, Џафери ја прекина седницата, бидејќи во салата недостасуваа двајца пратеници од владејачкото мнозинство. Џафери рече дека едниот е во изолација, а другиот е во сериозна здравствена состојба.
ВМРО-ДПМНЕ бараше веднаш да се расправа за оставката за Филипче, додека Џафери им повторуваше дека додека не ја добие од Владата не може да ја стави на дневен ред.
Филипче поднесе оставка до премиерот Зоран Заев на 10 септември, два дена по пожарот во ковид центарот во Тетово, во кој загинаа 14 лица. Заев на 11 септември кажа дека за оставката на Филипче ќе одлучи откако ќе ги види фактите од истрагата за пожарот.