Собранието денеска продолжи со работа по 71 седница, за која вчера доцна попладнето, по дводневна расправа, беше утврден дневниот ред.
Пред да почне расправата по 13-та точка, Предлог-законот за финансиска стабилност, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски во процедурална забелешка обвини дека Центарот за комуникации за јавноста на СДСМ изнесува невистини дека опозициските пратеници не одат на работа и дека не работат.
– Од денеска седниците ќе ги почнувам со читање на пратениците кои не се присутни во салата, иако граѓаните имаат можност да видат кој е тука и кој не е тука, кој работи, а кој не работи. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се тука и јавно ќе информираме за сите лаги кои ги кажувате, рече Мицевски, додавајќи дека „тие кои не работат се пратениците од СДСМ“.
Тој потенцира дека опозицијата ќе биде во Собранието и „активно ќе го блокира секое штетно законско решение“.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека не е надлежност на Мицевски да кажува кој е присутен, кој не е присутен во салата.
– Деловникот има пропишано процедура, согласно која, пратениците кои се спречени да присуствуваат на седницата треба да го известат претседателот на Собранието. Деловникот пропишува процедура во случај ако пратеникот неоправдано не дојде трипати по ред на седници, има деловничка можност да му се одбие пет отсто од платата за секое недоаѓање. Не може да се одземе од плата и од патни трошоци со одлука на пленум. Има Закон за плати и надоместоци на избрани и именувани лица по кои се исплаќа платата, рече Џафери.
По процедуралната забелешка на Мицевски и одговорот на Џафери, Собранието продолжи со работа по Предлог-законот за финансиска стабилност, за кој за збор се пријавија 34 опозициски пратеници.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски рече дека овој закон го заслужува европско знаменце, за разлика од многу други законски решенија.
– Економијата е една од причините поради која ние бараме предвремени парламентарни избори и поради која се одлучивме за активна блокада на Собранието. Законот во старт е замислен за никогаш да не се почитува. Не можеме да зборуваме за финансиска стабилност, а да се задолжуваме на секои две недели. Она што е особено важно, секој трет млад човек сака да ја напушти државата. Според податоци од Заводот за статистика, маслото е поскапено за 20 отсто за еден месец, а зеленчукот за 13 отсто. Трошоците за живот се зголемени за 11 отсто. Синдикалната кошница во моментов е околу 38.104 денари, 1.300 денари повеќе за еден месец, рече Стојановски.
Според него, државата има најмал раст и највисока инфлација меѓу земјите од регионот.
Пратеникот од СДСМ, Диме Велковски во реплика рече дека тоа што го прикажал Стојановски се двете лица на ВМРО-ДПМНЕ, кои на комисиите зборуваат едно, а на пленарна седница друго и говорат за се само не за точката на дневен ред.
Тој посочи дека измените кои ги бара ВМРО-ДПМНЕ во членовите 2 и 4 од Законот, се само измена на зборови, кои мнозинството ги прифатило.
– Што зборувате вие овде? Сакате да блокирате? Повелете. Ние сме навикнати вие да блокирате, рече Велковски.
Пратеникот на ГРОМ, Љупчо Пренџов говорејќи за измените во Предлог-законот за финансиска стабилност рече дека денес секое семејство во државата има 4.000 денари месечно поголеми трошоци за разлика од лани.
– Не зборувајте дека инфлацијата е увезена, кога Народна банка кажува дека 40 проценти е домашна. Граѓаните не се задоволни и затоа треба да има избори, рече Пренџов.
Пратеничката од СДСМ Жаклина Лазаревска, реплицирајќи му на Пренџов рече дека потрошувачката кошница во 2016 година биле 32.000 денари, а минималната плата тогаш изнесуваше 8.800 денари.
– Тогаш требаа речиси четири минимални плати за да се задоволат основните потреби. А сега кога потрошувачката кошница е 38.000 денари, потребни се малку повеќе од две минимални плати, рече Лазаревска.
Пратеникот на БЕСА, Фадил Зендели во својот говор рече дека државата се соочува со криза од многу аспекти.
– Ние како пратеници треба да влијаеме за подобрување на стандардот на граѓаните. Ние треба да размислиме што треба да направиме. Животот на граѓаните секој ден станува потежок поради економската криза, рече Зендели.
Претседателот на Собранието даде еден час пауза, по што пратениците ќе продолжат да дебатираат по измените на Законот за финансиска стабилност.