Комисијата за финансирање и буџет ја заврши општата расправа

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска го заврши општиот претрес по Предлог-буџетот за 2026 година, по три дена расправа. По над 100 поднесени амандмани, продолжението на расправата е закажано за утре, по завршување на пленарната седница, најави претседателката на Комисијата, Јованка Тренчевска.

Пратениците од владејачкото мнозинство оценуваат дека предложениот буџет е реален и развоен, со индикатори насочени кон економски раст и силна реализација на проектите и приходите. Наспроти нив, опозицијата го критикува буџетот како нереален и социјален, кој нема да го подобри стандардот на граѓаните, истакнувајќи дека јавниот долг се зголемува, а капиталните инвестиции се намалени.

Јаревски: Буџетот е реален

„Предлог буџетот е реален со силно изразена развојна компонента, ја изразува волјата на извршната власт за стабилизација и основа за развој, со непотребни трошоци сведени на нула. Сведоци сме на мерки и активности кои веќе покажаа резултати“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски.

Тој посочи дека Фискалниот совет за Предлог-буџет првпат констатирал први чекори на фискална консолидација, а ММФ и Светска банка ги ревидирале на повисоко процентите за раст.

„Приходите се проектирани на 374,7 милијарди денари, а расходите на 414 милијарди денари, со дефицит од 39 милијарди денари или 3,5 проценти од БДП, што е половина процент помалку од претходно. Дефинираниот раст од 3,8 проценти е реален, имаме силна реализација на тековните проекти и на приходите. Инфлацијата е проектирана на 2,5 проценти“, додаде Јаревски.

Опозицијата го критикува буџетот како социјален и потрошувачки

Фатмир Битиќи од СДСМ, реплицирајќи, рече:

„Тагувам кога ќе видам ваков буџет и кога 7 проценти раст на платите го кажувате како револуционерно, а е поради усогласувањето со минималната плата.“

Неговиот сопартиец Димитар Ковачевски потенцираше:

„Ова е потрошувачки и социјален буџет за купување социјален мир бидејќи 91 проценти од расходите се за трошоци што не генерираат раст. Социјален е, а не развоен, затоа што социјалните трансфери и субвенции надминуваат 130 милијарди денари, за 30 проценти повеќе од сите расходи, што ја открива политиката на одржување статус кво.“

Тој додаде дека Владата проектира 214,1 милијарди денари даночни приходи, за 6 проценти повеќе од годинава, но значаен дел од средствата ќе се користат за покривање на тековните расходи, а капиталните инвестиции се намалени на 40,5 милијарди денари, што е за седум милијарди помалку од претходниот ребаланс.

Љупчо Пренџов и Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека капиталните проекти како Коридор 8, брзата пруга на Коридор 10, како и проектите на „Бехтел и Енка“, се двигатели на развој, а приватните инвестиции имаат корист од подобрувањето на инфраструктурата и кредитите од ЕИБ и Унгарија.

Вкупните приходи во Предлог-буџетот за 2026 се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, капиталните инвестиции на 40,5 милијарди денари, економскиот раст на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5 проценти, а дефицитот на 3,5 проценти од БДП.