– Ниту контролирале, ниту не заштитиле. Се прашуваме ние, а и веројатно многумина кои го пратат овој случај, дали сето ова произлегува од нечие неделување или од високата корупција која како канцер се шири во банкарскиот систем, во сите негови сфери. Како поинаку да се толкуваат информациите кои секојдневно пристигнуваат до Здружението „Правда за штедачи”, во коишто се посочуваат лица, поранешни вработени во банката, кои директно, со години, учествувале во грабежот на депозитите од ограбената банка“, велат од здружението преку соопштение.

Според нив, еден од нив е и Слободан Наумовски од Кавадарци, кој е поранешен директор на филијалата на Еуростандард банка во истиот град.

– Врз основа на обична меница како единствено обезбедување за земениот кредит преку неговата фирма Бартон дооел, Слободан Наумовски има земено кредит од 510 илјади евра потпишан и одобрен од Коста Костовски, претседателот на кредитниот одбор за правни и физички лица во Еуростандард банка. За околностите и условите како е земен кредитот, јасно се гледа од графичкиот приказ којшто е составен дел на ова соопштение, велат оттаму.

Оштетените штедачи велат дека Слободан Наумовски не само што не е казнет за тоа дело, туку тој сега продолжува да работи во друга финансиска институција. Се поставува прашањето, дали е тоа како резултат на корупцијата во банкарскиот систем или пак е јасен показател дека системот поставен како што е, нема можност да спречи вакви лица да слободно ги остваруваат своите криминални цели.

– За погоре наведеното, уште еден доказ е и следнава информација која стигна до Здружението деновиве, а е поврзана со еден поранешен вработен на висока директорска позиција во Еуростандард банка. Се работи за Небојша Богатиновски, кој заедно со Николче Петкоски, како тим претходно работеле во друга банка, и се дојдени во Еуростандард банка најверојатно со една единствена цел. А тоа е да направат грабеж на пари од нашите депозити користејќи ја и поддршката на главниот акционер на банката Трифун Костовски и неговиот син Коста Костовски, кој како претседател на кредитниот одбор ги потпишувал сомнителните и спорни кредити. И веројатно веќе погодувате, истиот тој Небојша Богатиновски не само што досега нема поднесено одговорност заедно со сите други погоре споменати, туку напротив, продолжува да работи во финансиска институција, во овој случај државна и тоа на висока позиција во секторот за кредитирање и гаранции во Развојната банка на РСМ. Епилогот од организираниот криминал во Еуростандард банка засега е покрадени речиси 60 милиони евра преку сомнителни и спорни кредити и оштетени преку 3.000 семејства. Притоа, сите учесници во КРИМИНАЛОТ не само што се шетаат слободно и ги трошат украдените пари, туку и продолжуваат да работат во финансискиот систем и банкарскиот сектор, често и на високи раководни позиции“, стои во соопштението.