Православниот Богородичен пост започнува со молитва и одрекување
Православниот Богородичен пост секогаш подразбира одрекување од сите облици на грешни и зли мисли, желби и дела. Телесниот пост, пак, е само неопходно помошно средство за успешна духовна борба против страстите. За православните христијански верници денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, посветен на Успението на Пресвета Богородица. Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, со цел во времетраењето уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.
Траење, правила и духовна суштина на Богородичниот пост
По својата временска должина, Богородичниот пост е најкраток од четирите годишни пости, трае 15 дена и започнува на денот на прославувањето на светите седум макавејци (1/14 август). Завршува на благденот Успение на Пресвета Богородица (15/28 август). Сигурни сведоштва за оформувањето на постот најпрво се наоѓаат во списите на Теодор Студит (IX век), а конечно е утврден од Светата Црква на Цариградскиот собор во 1166 година, иако верните уште многу векови порано постеле во исчекување на денот посветен на Успението на Богородица.
Богородичниот пост настапува еден месец по празнувањето на Соборот на светите апостоли Петар и Павле и пред големите празници на Преображението Господово на гората Тавор и Успението на Божјата Мајка. За разлика од Великиот и Петровденскиот пост, почетокот на Богородичниот пост не секогаш е во понеделник. Овие пости не се толку строги како Великиот, но се построги од Петровденскиот и Божикниот пост.
Црковниот типик пропишува од понеделник до петок храна без масло, додека во саботите и неделите се дозволува вино и масло. До празникот Преображение Господово, кога во храмовите се осветува грозјето, Црквата не задолжува воздржување од тој плод. На празникот Преображение Господово, според црковниот типик, на трпезата се дозволува риба.
И покрај постоењето на правилата за дозволени и забранети продукти, сржта на православната антропологија е дека човекот не треба да се сведе на проста маса, туку секој е и треба да остане конкретна личност. Строгоста на физичката страна на постот зависи од советот на духовниот отец кон своето духовно чедо. Константата која мора да се следи во секој повеќедневен пост е духовната страна на постењето.
Денот на празнувањето на Успението на Пресвета Богородица, 28 август, е неработен за граѓаните од православна вероисповед во земјава.