Православните верници денеска го одбележуваат Крстовден

Православната црква денес го слави Воздвижението на чесниот крст, во народот познат како Крстовден. Празникот се празнува во чест на пронаоѓањето на крстот на кој бил распнат Исус Христос, како и неговото враќање од Персија во Ерусалим. Поради чудотворната моќ, крстот е наречен и животворен.

Верувања и обичаи поврзани со Крстовден

Според народното верување, луѓето родени на овој ден ја носат сенката на Светиот крст и имаат посебна одговорност пред Бога. Крстовден се празнува двапати во годината – на 18 јануари и 27 септември. Во минатото, на овој ден строго се постело, најчесто на леб и вода. Некои го држат постот со јадење само грозје и леб.

Традиционално, на празникот се осветува босилек, грозје, жито и јаболка. Осветениот босилек се чува во домот и се користи за заздравување и заштита од негативна енергија. Вообичаено е и добитокот да се премачкува со катран во форма на крст за заштита од болести.

Народни предзнаци за времето

Народната традиција вели дека времето на Крстовден ја најавува целата претстојна година. Облачно време предвидува снежна зима, додека ведар ден значи студена и сува зима. Тивок дожд се смета за знак на блага зима, а грмотевица на овој ден се толкува како најавa за плодна година.

Се верува дека сите молитви изговорени на овој ден ќе бидат слушнати, а ноќта спроти празникот Господ слегува на земјата за да ги исполни желбите на луѓето.