Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово – Божиќ. Во сите храмови на Македонската православна црква-Охридска архиепископија изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан ќе богослужи литургија на Св. Василиј Велики.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј кон крајот на декември првпат во историјата божиќното посланието го објави и на македонски јазик, откако на 9 мај лани Светиот синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од патријархот Вартоломеј одлучи да ја отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ, признавајќи ја црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставувајќи канонско и литургиско општење со неа.

Патријаршијата, при тоа, остави Српската православна црква да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и МПЦ-ОА во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Со ваквата одлука МПЦ-ОА се врати во канонско единство со другите православни помесни цркви и беше призната како канонска црква, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви. Една недела по ваквата одлука на вселенскиот патријарх, Синодот на СПЦ соопшти дека го прифаќа статусот на најширока можна автономија на МПЦ, односно целосна внатрешна независност, која и беше доделена уште во 1959 година.

Во јуни минатата година во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот охридски и македонски Стефан ја одржаа прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по приемот на МПЦ-ОА во богослужбено и канонско единство единство со останатите православни цркви.

По повод Божиќ, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди!